,,Содржините поврзани со овој град
се доминантни, па така го креирав хаштагот #ГрадотСоВкусНаСимит.'' - Разговор со Роберт Крстевски
Роберт Крстевски е личност што има интерес кон сите уметности, но најголем кон фотографијата. Па така близу деценија го води неговиот блог www.robertkrstevski.blogspot.com. Во почетокот споделувал само фотографии, но потоа воведол нови содржини и нови рубрики. Го прашавме неколку прашања, прочитајте во текстот…
М: Кој е Роберт и како започна идејата и инспирацијата за инстаграм профилот
посветен на Крива Паланка?
Кога станува збор за инстаграм, јас сум личност што не може да биде сконцентрирана на одредени теми и да го води профилот во тие насоки, туку споделувам сѐ што ќе ме инспирира. Се случува и да спамувам со музика на сториња, да споделувам лични нешта или миленици… и затоа одлучив да го отворам инстаграм профилот @gradotsovkusnasimit каде луѓето можат да го следат исклучиво оној содржински дел што е поврзан со Крива Паланка, а креиран од мене.
M: Што мислите дека се главните вредности и квалитети на градот?
„Градот со вкус на симит“, односно Крива Паланка е многу убаво гратче за живеење. Мирно, мало, чисто и средено место под шумска закрила на Осоговските планини каде што се наоѓа манастирот „Св.Јоаким Осоговски“- туристичкиот центар на овој град. Близината до главниот град и границата со Бугарија, го прави „градот на Св. Јоаким Крчовски“ примамливо туристичко место за многу луѓе.
M: Дали мислиш дека во Крива Паланка има можност за културен раст и како тој го замислуваш? Која е твојата визија за градот?
Дали има можност за културен раст е прашање што секоја индивидуа различно би одговорила според неговите/нејзините културни афинитети. Ако гледаме објективно – градот има богата културна програма од различни области, но она што повеќе недостасува мислам дека е интерес. Јас лично би рекол дека до одреден степен има можност за културен раст, а како го замислувам – како духовно обогатување.
Кога станува збор за мојата визија за градот, веројатно и вие имате забележано дека во последните години многу се зборува за Крива Паланка – реализирани нови инфраструктурни проекти, Новогодишен базар, концерти и слични случувања…и мене тоа навистина ми се допаѓа. Покрај овие области, приоритет треба да бидат и граѓаните, односно спречување на иселувањата кои се не само локален проблем, туку и државен.
M: Кои работи недостасуваат во градот, наспрема кои работи сметаш дека се плус?
Ќе повторам дека Крива Паланка е многу убаво место за живеење, но најголем дел од младите немаат просперитет тука. По завршување на високо образование во другите градови, 90% од младите не се враќаат во родната Крива Паланка. Недостасуваат работни места кои ќе ги привлечат, задоволат и мотивираат младите да останат да живеат тука. Додека пак, проблемите што ги имаме во други конкретни области, ги имаме и на државно ниво. На „плус“ ако се мисли на позитивни страни, како што набројав – градот е среден, чист, естетски примамлив, со богата туристичка и културна понуда.
M: Видовме фотографии каде ги имаш фотографирано животните во градот, колку мислиш дека тие играат клучен дел во градот и во кој правец во скора иднина ќе го движиш профилот?
Животните даваат душа на урбаниот хоризонт. Пофалба за сите луѓе што ги хранат градските животни, спасуваат напуштени и пружаат помош на повредени.
Немам конкретни планови, сѐ зависи од спонтаната инспирација, мотивација и љубов кон мојот Град со вкус на симит. ♡
Интервју изработено од Хајат Сулооџа