,,Просторот, во овие 8-9 години каде што живеам во градов, тековно еволуира, нешто во добар правец, нешто во правец на пребрза и преголема урбанизација, но јас се чувствувам само како набљудувач и уживам во сè што ме опкружува." - разговор со Марио Манески
Марио е роден во Кичево, во 1995 година, израснат во угостителско семејство, со голема пасија за комуникација, креирање, добар дизајн, убави велосипеди, автомобили, мотори, облека, парчиња мебел, ајвар, салати, добро кафе, и најважно – уживање во животот. Комбинација сум од неколку различни правци – вели Марио, почнувајќи од угостителство, заедно со кулинарство, продолжувајжи со креаторство – цртање на платна и уживање во фотографирањето, а како трето, почитувач – и во иднина, би сакал да бидам и колекционер на фините креации од светот на велосипедизмот, автомобилизмот, мотоциклизмот… Прочитајте за што разговаравме.
М: Колку Скопје е инспирација во твојата работа како уметник?
Не би се дефинирал себеси како уметник, но за делата кои ги креирам – како инспирација ми служи сѐ што ме опкружува. Почнувајќи од најблиското секојдневие, кругот што го вртам од рампа до Дебар Маало, остатокот од Скопје, градот Кичево, продолжувајќи со сите други простори и случувања во мојот живот. Од природата, до она што е создадено од човек. Комбинации на бои, збиднувања, (диз)балансот на метеж и смиреност што се случува околу мене, сите тие нешта придонесуваат до инспирација при креирање и тоа не може да се црпи само од едно место.
M: Дали често додека се шеташ во градот добиваш идеи за трансформација на некој простор или аплицирање на твојата уметност, појасни ни го умствениот процес…
Не постои ден, кога сум во Скопје, да не го свртам кругот кој ми започнува од стара рампа (каде што моментално живеам) – до Дебар Маало, преку ул. Македонија, па Максим Горки, па плочник, па на едно кафенце во Че, па ако условите се наклонуваат, салатичка во некоја од околните кафани. Просторот, во овие 8-9 години каде што живеам во градов, тековно еволуира, нешто во добар правец, нешто во правец на пребрза и преголема урбанизација, но јас се чувствувам само како набљудувач и уживам во се што ме опкружува. Жал ми е што од 2015 до сега, голем дел од она што беше „градско“ и важеше за некој споменик и (барем за мене) културно наследство, сега е заменето со згради и е зачинето со уште повеќе згради. Можам само да замислам како се чувствуваат луѓето кои цел свој живот го поминале во Скопје и како тие се чувствуваат за трансформацијата на градот, од нивното детство до денес.
M: Колку е важен медиумот за тебе: сликарско платно наспрема ѕид од објект? Дали тоа влијае на твојата уметност или продолжуваш да го зборуваш тоа што доаѓа директно од тебе?
Важно е идејата да се изрази, не е важно на кој начин. Дали преку цртање платно, преку цртање на ѕид, преку пеење, преку викање, преку облекување, емоциите што ги збираме мора да излезат на еден или друг начин, во спротивно доаѓа имплозија. Никој не сака имплозија. Исто така, многу важно за поткрепа на желбата за понатамошното создавање е присуството на публиката и нејзината поддршка, дали со коментари и критики, или уште поубаво – со купување на моите дела. За мене не постои поубаво чувство и поголем комплимент од тоа.
M: Што мислиш за новата енергија во градот?
Секој простор е во константна еволуција, па да се подели енергијата во градот на „стара“ и „нова“ е работа што би ја препуштил на луѓе кои што живеат тука многу подолго од мене. За поделба, треба да се одбележи некоја точка, пред која што сѐ е „старо“, а после тоа – „ново“, што за секој човек е различна. Во овие неколку години каде што сум тука, постои промена на енергија, но „стара“ и „нова“ е релативен термин за секого. Можам само да кажам дека ми недостасува една енергија што се помалку ја има, а во периодот на моето детство беше присутна, најчесто пред колонијалните продавници, маалските збирни места што ги имам искусено во Кичево (а сигурен сум дека своевремено ги имало и во Скопје), недостасува простор за дишење и прошетка, џагор и детска игра, паркинг места, сообраќајна култура и често знае да недостасува позитивна енергија, но секогаш се трудам да се опкружувам со позитивни луѓе, што за среќа, барем во мојот круг, ги има многу, па она опкружување што сам си го имам создадено, ми придонесува за сликата за градот секогаш да биде позитивна.
M: Какви нови проекти работиш?
Во моментов сум на крстопат каде што пробувам да прифатам правилна еволуција на стилот на визуелно изразување, изработувам серијал на платна што имаат поширок спектар на градиенти, а во исто време се трудам да изразам помирна емоција преку нив. Колку ќе успеам во тоа, зависи од многу фактори. Најважно е што се трудам…