Работилница: Мали просторни интервенции во студентски домови Скопје|Штип|Битола
Работилницата ќе се одржи во Скопје |28.02-01.03 2020 година|
Повик за учесници
Студентските домови во нашата земја имаат недостиг на содржини кои ќе го оплеменат престојот на студентите нудејќи нови современи активности за станарите и посетителите. Студентите и станарите имаат идеи за унапредување на овие простори, но ретко кога се консулитрани и нивните предлози се земени предвид. На оваа тридневна работилница ќе се работи токму на дизајни и идејни решенија за мали но значајни просторни интервенции за три студентски домови во: Скопје, Штип и Битола, а трите решенија кои ќе бидат резултат на тимска работа ќе добијат поддршка за целосна реализација во просториите на домовите. На работилницата ќе се изработат три решенија за заедничките простории или дворните површини во рамки на студентските домови кои ќе имаат за цел да го подобрат престојот на студентите станари.
Учесниците на работилницата ќе имаат прилика да работат во три групи со менторство на тројца тренери, искусни архитекти. Учесниците на работилницата ќе се здобијат со:
– искуство за разработка на проект во мал размер
– шанса за директно учество во концепција на просторна интервенција
– искуство за изведба на просторна интервенција
– работа во интердисциплинарен тим
– јавна презентација и видливост на својата идеја
Учесниците на работилницата треба да бидат:
– студенти по архитектура, дизајн
– студенти по пејзажна архитектура, градежен факултет, електротехнички, индустриски дизајн и сл.
– сите останати заинтересирани лица, но предност ќе имаат учесниците од погоре наведените факултети Заинтересираните учесници може да се пријават ТУКА најдоцна до 25.02.2020.
За учесниците кои доаѓаат надвор од главниот град, ќе биде обезбедено сместување и превоз, без разлика од кој град или населено место доаѓаат.
За повеќе информации може да се обратите на meleemskopje@gmail.com
Прочитајте повеќе за менторите
Сара Симоска е архитект. Своите магистарски студии ги завршува со пофалба на Политехнико ди Милано во 2016. Ко-основач е на МЕЛЕЕМ Скопје и активен иницијатор на сите активности и проекти од 2013та година за подобрување на запуштени простори во градот. За нивните проекти добиле признанија во Шпанија, Словенија и Србија. Таа е архитект во своето студио Сара Симоска Архитектура и има освоено награди на интернационални конкурси во Русија, Италија, Македонија и др.
Милка Докузова е архитект и граѓански активист. Високо образование завршува на Архитектонски факултет во Скопје во 2014 и се стекнува со диплома Master of Architecture. Неколку години потоа работи како демонстратор на истоимениот факултет. Како резултат на нејзиниот интерес во социо-политиката и јавните простори во градот, своето формално образование го продолжува на Универзитетот Кембриџ, каде што во 2017 година се стекнува со титула Master of Philosophy in Architecture and Urban Studies. По враќањето во Македонија, соработник е во неколку истражувачки проекти финансирани од Horizon2020 и UNDP, кои се однесуваат на виталноста на јавните простори во градот.
Павел Вељаноски, архитект, магистрирал на Архитектонскиот факултет во Скопје – УКИМ (2017). Тој е добитник на архитектонска награда „Тygrysy-Тигрите” (2017) и стипендист на интернационалнa истражувачкa програмa „Thesaurus Poloniae” во Краков, Полска (2018). Моментално е фасцилитатор на културно-едукативна програма на The Beit Project во Скопје, финансирана од програмата “Europe for Citizens”. Исто така е ангажиран како соработник во наставата на Факултетот за Архитектура и Дизајн на Универзитет Американ Колеџ Скопје. Павел е студент на докторски студии на Институтот за Географија, УКИМ Скопје (2019).
Работилницата е организирана од МЕЛЕЕМ Скопје, здружение за развој на урбана култура и актуелизација на простор, во рамки на проектот Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Република Северна Македонија, имплементиран од Младински образовен форум, МЕЛЕЕМ, МКЦ-Битола и Легал Тинк.
Целта на проектот е е да придонесе за зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и за подобрување на квалитетот на сервисите што ги добиваат студентите во студентските домови преку нивна поголема вклученост и преку локални студентски организации за подобрување на условите во домовите и на студентскиот стандард воопшто.
Проектот е финансиран од Програмата за високо образование на Фондациите отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество – Македонија.