„Правете прототипи, макар и од најосновните склопови на вашата структура, само така ќе добиете осет за просторноста, издржливоста и изводливоста на вашите дела.“ – Звонко Вугрешек

Звонко Вугрешек е архитект, алгоритамски дизајнер и „Digital Fabricator“ со долгогодишно искуство во повеќе компании, 5 годишен член на организацијата Design Morphine, а исто така е асистент на техничкиот фаултет во Берлин. 

Звонко има изработено неверојатни проекти, а студентите во Берлин најмногу го почитуваат токму поради неговиот специфичен, непосреден начин на предавање и пренесување на неговото искуство. 

Звонко, кажи ни нешто повеќе за себе. Што работиш во моментов?

Јас треба по правило да сум Архитект, но 6 години веќе се занимавам со computational design и дигитална фабрикација, т.е. правам други архитекти и инженери “мрзливи” и архитектонско/градежни/урбани процеси поглатки и поодржливи. Целата моја професионална кариера е во странство и моментално сум стациониран во Берлин каде што предавам и соработувам со повеќе иновациски студија и лабаратории за дигитална фабрикација (FabLab-ови). Така што би рекол дека мојата секојдневна работа е растргната низ многу полиња од програмирање до инженерство и некој дел од дизајн, но сето тоа подразбира и многу истражување кое ми оди во корист за докторскиот труд.

Што е тоа што те вади надвор од комфорна зона?

Премногу ред и предвидливост. Тоа е ок кога тоа се очекува, на пример во специфични инженерски/конструирани услови, но зошто да не се препушти на хаосот и на случајноста кога може, тогаш секое решение ќе биде уникатно. Така и со секојдневните „животни” одлуки.

Кој е твојот стил на предавање на материјалот и пренесување на знаењето?

Се што ќе гледате е лајв и фристајл. Без премногу подготовки и планови, само со крајна зададена јасна цел, да се достигне одреден продукт или истражи некој процес. Овој метод сум забележал е најефективен кај моите студенти затоа што е најинтерактивен и самите тие ме гледаат како „чепкам и осознавам“ работи со нив што од нивна страна е доста полезно затоа што не се осеќаат дека слушаат монотони, предвидливи и скриптирани предавања, а се занимаваат со веќе конкретен проблем, не само генеричко учење на програмот.

Што учиш во моментов?

Мојава работа моментално сè повеќе и повеќе ме води да станам програмер или машински/градежен инженер така што деновите ми се исполнети со Python, Linux, роботи, 3D принтери, разно разни машини и продуктите/дизајните кои што треба да излезат од нив. Тука доаѓаат до израз и вештини во автоматизација и машинско учење за сите овие процеси да станат малку поефективни или барем по „мрзливи“.

Има ли нешто неповрзано со архитектура што ти помогнало во некој аспект од твојата професија/кариера?

Немањето трпение и волја за прецртување и бескрајно преправање на цртежите и решенијата ме однесе до програмирање и автоматизација и без тие способности немаше да сум тука каде што сум денеска.

Каква е твојата релација со студентите? Се случило ли да имаш соработка со некој твој студент?

Искрено како новодојденец без никакви контакти скоро сите мои локални контакти надвор од работата на почетокот ми беа мои студенти, најчесто зашто и немаше преголема старосна разлика меѓу нас, на магистерски се и заедно сме на студио предметите по цел ден. Но секако, професионалноста и објективноста во работата и оценувањето се на прво место. Ама пак, на крајот од денот треба да се задоволни од тоа што го сработиле и да се осеќаат дека нешто постигнале, освен тоа што ќе добијат (преодна) оценка.

Зошто архитектите треба да го знаат Rhino? Кои се придобивките од совладување на овој софтвер?

Rhino е многу корисна техничка алатка затоа што е создадена најпрвин за инженери. Неверојатната прецизност и високото ниво на автоматизација што може да се постигне преку неа е скоро неспоредливо со било која друга алатка, толку брзо и прецизно да се генерираат резултати без разлика на просторната димензија во која што сакаме да работиме. Дали тоа ќе бидат ортогонални или флуидни, естетиката не е битна, затоа што постојат разни начини да го постигнеме она што ни треба, не сме лимитирани.

Студентите што ќе се запишат на обуката за Rhino +  Grasshopper во склоп на завршниот проект ќе имаат можност за фабрикација и производство на нивната идеја со помош на ласер и 3D принтер. Која е предноста од тоа?

Ако сакате вашите дела да постојат во физичкиот свет мора да стапите во контакт со машините и материјалите од кои што би биле произведени. Правете прототипи, макар и од најосновните склопови на вашата структура, само така ќе добиете осет за просторноста, издржливоста и изводливоста на вашите дела. Инаку ќе останат само на екран, како некоја уметност, визија, што во најголем број од случаите ќе треба уште многу да се доработува за да стане блиска до реалноста. Ако сте само уметник или дизајнер чијашто цела професионална ориентација е во дигиталниот свет тоа е сосем во ред, но за физичкиот свет ќе треба да ги засукате ракавите и да стапите во контакт со тоа што ќе го обликува вашиот финален производ, а тоа се стекнува само со лично искуство во фабрикација и тестирање разни прототипи и материјали во разни склопови и контексти.

И не верувајте слепо на алатките за симулација 😊

Кои други софтвери ги користиш?

Уф, многу, зависи од контекстот, дали е за инженерски или уметнички цели. На компјутер имам моментално само (покрај Rhino) Revit, Fusion 360, Maya, Zbrush. Има ред други што ги надополнуваат овие во разни контексти, но главните се тие. Ништо повеќе. И Visual Studio Code како default text (Python) editor.

Запиши се на обуката!

Можеби ќе те интересира…