Илина, би сакале да знаеме нешто повеќе за тебе, со што сè се занимаваш и кое е твоето хоби.
Јас сум Илина, дипломиран архитект, моментално работам во архитектонско студио во Чешка каде што работиме главно на реадаптација на стари индустриски објекти.
Јас сум премногу љубопитна личност и токму таа љубопитност ме води во многу неочекувани ситуации и простори, а тоа ми помага во мојот развој како архитект.
Од пасии и хобија би одвоила велосипедизам, шетање и откривање на стари индустриски објекти и изнаоѓање начини како истите да се реактивираат.
Моите хобија се блиску поврзано со спознавање на нови места, градови и простори како и нивно реоткривање, и нивен запис преку различни медиуми како на пример поема, скица, фотографија, колаж, скулптура, цртеж и слично.
Французите имаат еден прекрасен поим ‘’Flâneur’’, талкач со којшто јас се поврзувам и често го применувам овој начин на разбирање и пронаоѓање на различни урбани потенцијали.