На неверојатен начин се испреплетени елементите на модерното со традиционалното градејќи еден вид на хармонија, не обидувајќи се да се натпреваруваат меѓусебно – Разговор со Елена која е на патување во Јапонија

,,На неверојатен начин се испреплетени елементите на модерното со традиционалното градејќи еден вид на хармонија, не обидувајќи се да се натпреваруваат меѓусебно'' - Разговор со Елена која е на патување во Јапонија

Фотографија Елена Зареска

Елена Зареска студира архитектура на Архитектонскиот Факултет во Скопје. Таа од детство го има развивано интересот кон Јапонската култура, архитектура, анимација, книжевност и уметничката сцена. Нејзиниот татко ги завршил своите магистерски студии во 90тите во Јапонија, па така дополнително имала влијание преку неговите прикаски за време на растењето. Разговаравме малку со нејзе околу Јапонија и еве што ни кажа…

М: Како одлучи да одиш во Јапонија? Раскажи ни подетално за подготовките и заминувањето?

Целото патување беше истражувано и организирано во подолг временски период, а во истото целата фамилија учествуваше со свои предлози и сугестии. Главната цел ни беше да посетиме што е можно повеќе места и да ги видиме специфичните делови од градовите, населбите, природата, храмовите, традиционалната култура, специфични архитектонски градби, фестивали и храната. Како би го оствариле тој амбициозен план, се одлучивме во текот на тие две недели да патуваме и посетуваме секој ден различни места, со различни
транспортни средства, одалечени региони, каде се покажа дека најдобриот начин е да се носи малку гардероба во ранци, т.н. ”backpacking”, заради поефикасен начин на движење. Рутата ги опфати следните места: Токио, Тонегава, Саитама, Канагава, Јокохама, Нико, Хаконе, Кјото, Нара, Осака, Тсукуба, па назад во Токио каде заврши ова наше “соочување” со различностите и убавините на Јапонија.

Фотографија Елена Зареска
M: Што те фасцинираше најмногу во Јапонија?

Сите очекувања кои ги имав за Јапонија ми беа надминати, а претходните познавања за сите области од културата, начинот на живеење, природата, градбите, урбанизмот итн. беа уште поинтензивно засилени во секој миг. Со еден збор, се што го доживеав е неспоредливо со Европската и Американската култура на кои ние сме навикнати, со начинот на живот, дефиниран не само од историскиот контекст, туку од цврсто изградените и почитувани социјални и цивилизациски норми. Во секоја смисла работите се креирани и содржат повозвишено ниво на софистицираност, едноставност, безбедност и организација, без разлика дали беше во метропола или помал град. Нивната култура на градење и дизајнирање има очигледна намена да се изрази нештото за тоа што е, а не тоа што може или се преправа да биде. Во функцијата на изградбата на работите естетската вредност е видливо нагласена и обратно.

Нешто што најмногу ме фасцинираше беше архитектурата и дизајнот коишто ја изразуваат таа идеологија. Во Јапонија, а посебно впечатливо е во градските средини, има многу бетонски и челични градби, сите опкружени со многу зеленило, дрвореди и паркови, кои се приказна сами за себе. Особено ми остави впечаток архитектот Тадао Андо со градбата 21-21 Дизајн Сајт галерија во Токио и од истиот автор Префектуралната галерија во Осака. Следно, воодушевувачки се традиционалните дрвени конструкции на храмовите, на пример храмот Хасадера во Канагава, и Златниот Павилјон во Кјото, кои во секоја смисла се уникатни и воодушевувачки. Дури и во најмодерните метрополи како Токио и Кјото се интегрирани, односно на неверојатен начин се испреплетени елементите на модерното со традиционалното градејќи еден вид на хармонија, не обидувајќи се да се натпреваруваат меѓусебно каде еден елемент доминира во таа околина, давајќи конечно простор за таа градба да егзистира и функционира независно од историскиот контекст, или од дадената современа употреба на објектот. Убавината е во едноставноста, а Јапонија е најдобар пример за оваа констатација.

Фотографија Елена Зареска

На моменти дури и елементите кои оптеретуваат како што се прикачените неонски реклами или густи населени и посетени урбанистички делови од Метрополите, одлично се вклопуваат и ја надополнуваат оваа “шарена хармонија”. Контрасно на традиционалните вредности, населбите во Токио како Шибуја, Акихабара, Шинџуку придонесуваат кон поп културата, изненадувајќи бројни светски трендови како што е Каваи културата, техно забавата, како и делови на лудата контракултура.

Фотографија Елена Зареска
M: Дали се замислуваш себеси да живееш таму?

Веројатно да. Но одлуката бара подлабока анализа бидејќи не е едноставно прилагодувањето кон огромните разлики во културите. Посебен предизвик е Токио. Од архитектонска и урбанистичка перспектива, организацијата и дизајнот на околините кој ги посетив, лично доживеав чуство дека со одредени одрекувања и напор тоа би било одлично место да се живее, креира, бидејќи е одлично организирано, инспиративно и безбедно место. Дополнително, Јапонија е веројатно најчистата држава во светот каде е неверојатно и нивото на личната и општествената хигиена. Од претходно сум доста запознаена и ја применувам Јапонската култура и начин на живеење во секојдневието; но не би работела таму од причини што работните обврски наметнуваат да си дел од систем, со строга хиерархиска поставеност, долги работни часови и ограничена лична креативност.

Фотографија Елена Зареска
M: Дали пронајде некаква сличност со Скопје?

На некој начин најдов и сличности со Скопје, особено во ноќната култура и забава. Ноќниот живот е најбитниот дел градот од попладне кон навечер, особено во викендите поради работната култура. Неверојатна е таа трансформација во поурбаните зони како што се Гинза во Токио, кои се мирни дневни делови од Градот за да навечер се претворат динамични зони со многу продавници, кафичи и други угостителски објекти.

M: Кои беа разочарувањата од градовите?

Разочарувањата што ги доживеав беа минимални, повеќе беа од лични причини како што се промашените прилики да посетам неколку архитектонски градби и спарната суптропска клима. Лесно можевме да се ориентираме и прилагодиме во околината, но потешко беше да комуницираме со луѓето кои живеат таму поради јазикот. Некои места (најчесто рестораните) беа само со резервации од која причина требаше да одиме во сосема други делови од градот или да чекаме долги редици како би успеале да го пробаме конкретниот специалитет.

Фотографија Елена Зареска
M: Доколку треба да предложиш на некој да ја посети Јапонија, кои совети би му/и ги дала?

Во Јапонија, треба да оди и патува без предрасуди, со отвореност кон запознавање на комплетно различна култура и начин на живеење. Во суштина тоа е едноставна земја за посета, организирана, функционална и би рекла “логична” земја. Во неа нема потреба од импровизација, снаоѓање, делување под притисок. Таму работите функционираат на нивен начин и тоа е најдоброто нешто. Од практичните совети, зависно од дали ќе патува во повеќе градови, треба претходно добро да ги истражи метро системите и транспортните модалитети и кои населби или градби би сакале да ги посетат. Силно би препорачала да се запознаат со основните јапонски терминологии и клучни фрази во секојдневниот разговор и култура. На крај, би било да добро однапред да се резервираат карти за културни настани, музеи, транспорт, ресторани, како би се олеснило патувањето и би се посетиле повеќе места. Јапонија со неколку зборови е земја во која работите функционираат 180 степена различно од овде, а функционираат многу подобро. Треба да се посети за да се уверите во овие зборови. Јас успеав во тоа. 

можеби ќе те интересира