"Градот е една голема модна писта, каде што во изобилие се среќаваат архитектонски градби, урбани објекти, различни култури и индивидуи, кои сами по себе се навистина инспиративни и даваат визија за одреден дизајн или колекција." - Разговор со Димитар Бабков
Димитар Бабков е основач и моден дизајнер во “SON OF SALON”. Тој го лансираше брендот во 2020 година по пет години работно искуство со некои од најпрепознатливите имиња во локалната модна индустрија. Тој, исто така, беше еден од финалистите на регионалниот натпревар за млади дизајнери NOIZZ Fashion Awards во 2017 година во организација на Белградската Модна Недела. Во фокусот на неговата дизајнерска работа се уништените човечки вредности. Голем дел од неговите дизајни се рачно изработени извезени и плетени детали. Прочитајте повеќе…
М: Како се опишува Димитар во овој сегашен момент?
После презентирањето на мојата нова колекција сум среќен и задоволен што после доста долго време работа, колекцијата успешно се реализира, а воедно и навистина ми е драго што добив доста позитивни коментари, кои многу ми значат. Периодов сум посветен на промоција на самата колекција, а исто така веќе почнав и со истражување на нова тема за следната колекција.
M: Во твојот дизајн може да се забележи движењето како важен елемент? Како истото влијае на дизајнот? Дали парчето дизајн го замислуваш на човечко тело кое се движи? Затоа што така делува.
Движењето како физичка појава, има огромна улога во процесот во кој што креирам. Особена инспирација наоѓам во движење на телото и флуидноста на текстилот, преку кои можам многу полесно да изразам одредена емоција. Многу често ми се случува додека креирам одреден дизајн да го замислам како тоа би изгледало во движење.
M: Се забележува акцентирање на анатомијата на телото во твоите креации, раскажи ни повеќе за ова.
Секоја колекција се фокусирам и истражувам за одреден дел од анатомијата на телото. Со апстрактно презентирање на истата, сакам метафорично да ја прикажам внатрешноста на човековото тело и емоционалната состојба. Како концептуален дизајнер за мене е многу важна емоционалната вредност на облеката.
M: Како изгледа твојот креативен процес и како изборот на материјалите или нивната достапност помага или одмага во него?
Секогаш е различно, зависно што ќе ме инспирира. Тоа некогаш е одредена емоција која јас сум ја искусил или некој друг, одредена општествена тема, уметност, итн. Но секогаш имам појдовна точка која се заснова на длабинско истражување, и од таму се формира целиот концепт. Голем дел од материјалите се трудам да ги создадам самиот јас преку плетење и текстури, а исто така внимавам и тие да се од природно потекло или рециклирани.
M: Дали градот, архитектурата и урбаниот амбиент ставаат печат на твојата мисла? Дали додека се шеташ низ градот ти доаѓаат визии за парче облека? Колку сметаш дека градот е модна писта?
Апсолутно! Многу често се случува да се инспирирам од архитектурата, одредена состојба на некој лик, или одредена општествена тема, така да има голем печат во мојот дизајнерски израз. Модата е експресија и начин на живот и секој различно ја доживува. Градот е една голема модна писта, каде што во изобилие се среќаваат архитектонски градби, урбани објекти, различни култури и индивидуи, кои сами по себе се навистина инспиративни и даваат визија за одреден дизајн или колекција.
M: Колку ноќниот живот сметаш дека е инспирација за експериментирање во модата? Дали ноќта во градот ја буди креативноста на луѓето да се изразат себеси преку облеката?
Сметам дека ноќниот живот дава одредена слобода и инспирација кога станува збор за експериментирање со модата. Отсекогаш дури и на глобално ниво, ноќниот живот е место каде што луѓето го експресираат нивниот стил и нивниот начин на живот, а со тоа и нивната креативност. Сепак, ноќниот живот, модата и слободата во креативноста, зависат и од општествената состојба и средината во која живееме, со своите предности и маани.

Интервју изработено од Хајат Сулооџа