,,Инспирацијата доаѓа од секаде, тоа зависи од тебе колку си “буден“ и колку и кој дел од секојдневието знаеш да го украдеш за да го пренесеш во твојте дела.” – Разговор со Давор Кешќец

,,Инспирацијата доаѓа од секаде, тоа зависи од тебе колку си “буден“ и колку и кој дел од секојдневието знаеш да го украдеш за да го пренесеш во твоите дела.'' - Разговор со Давор Кешќец

Давор Кешќец е млад артист од Скопје кој развива сопствен стил, длабоко инспириран од поп-артот и рокенролот кои се културни феномени од тотално различна ера. Го прашавме неколку прашања, прочитајте во текстот…

М: Како се опишуваш себеси во овој момент?

 Како Outsider, не само во моментов туку општо. 

M: Кога прв пат ти се роди желбата да ја аплицираш твојата уметност врз ѕидовите на градот? 

Желбата за цртање врз ѕидови ми се роди уште кога почнав да цртам графити, на мои 13 години и еве веќе 13 години трае, што е буквално половина од мојот живот. Кога цртав графити не ми беше важно каде ќе се црта, дали е на видно место или не. Најчесто локациите беа напуштени објекти. Тоа се смени кога почнав да правам шаблони. Почнав да правам шаблони од две причини, прво сакав да пренесам порака, и исто така е доста по исплатливо. За графит требаат многу повеќе спрејови, не јадев во школо за да можам да купам 1-2 спреја на крајот на неделата. Кога почнав со шаблоните веќе и локациите станаа поважни, бидејќи кога сакаш да пренесеш порака тоа мора да е на повидливо и пофреквентно место и пораката да се повторува повеќе пати, се тоа беше додека не почнав да работам во овој стил со кој работам и сега. Првиот мој мурал го нацртав во ГТЦ во 2018та во склоп на првата „street art and graffiti gallery“ и од тогаш пак почнав да цртам на ѕидови. Кога веќе еднаш си цртал на ѕид и ти се допаднало, веќе нема назад.

М: Дали кога се шеташ добиваш инспирација за кои ѕидови би ги нацртал? 

Да, добивам инспирација, но никогаш не превземам нешто на моја иницијатива. Јас сакам да цртам мурали, но сепак акцентот го ставам на моите слики. Муралите ги работам кога други ќе побараат, а и тие често знаат да бидат работени на одредена тема. Додека во моите дела сам си бирам што ќе цртам и не ми треба ничие одобрение. Во последно време муралите се повеќе личат на билборди, декорации и со се повеќе елементи од нарачателот а со се помалку уметничко изразување.

M: Од каде доаѓа инспирацијата за твоите форми? Со оглед на тоа што имаш препознатлив стил, каде е коренот на стилот? 

Инспирацијата доаѓа од секаде, тоа зависи од тебе колку си “буден” и колку и кој дел од секојдневието знаеш да го украдеш за да го пренесеш во твоите дела. Најчесто кај мене инпирацијата доаѓа во форма на музика, филм, слики, фотографија и разни случувања. Кога зборуваме за формата таа најчесто е инспирирана од кубизмот, особено од синтетичкиот кубизам, а таму некаде е и коренот. Многу влијанија имаат одиргано улога врз мојот стил што го прават тоа што е. Освен кубизмот влијание има и поп артот, експресионизмот, пост графити уметноста…и секако рокенролот.

M: Раскажи ни ја приказната за бетонскиот елемент кој што го блокираше мостот кај железничка. Имаше одличен одзив од луѓето што те поддржаа, како се почуствува и дали мислиш дека граѓаните стануваат посвесни за уметничкото дело, како такво? 

Јас не знаев што се случило со постаментите се додека не ми се јави еден новинар и ме праша: Што ќе кажеш за ова со постаментите? Јас се збунив, а после ми објасни што се случило. Одма видов на социјалните мрежи дека многу луѓе, новинари и медиуми имаат објавено за тоа. Утредента ме побараа и од ТВ да дадам коментар. Колку што самиот чин на дислоцирањето на постаментите ме изненади негативно, толку поддршката од луѓето ми изненади позитивно. Веројатно, тоа и беше причина делата да се вратат на место уште утредента и да, веројатно луѓето стануваат посвесни за уличната уметност и уметноста која го разубавува градот.

M: На што работиш во моментов и што да очекуваме? 

Во моментов имам соработка со IQOS, се договара изработка за нов мурал, а до крајот на годината треба да се оствари. Соработка со 5 до 12 креативната работилница и уште една соработка со клубот на Порше Македонија, а исто така паралелно работам и на нова изложба.

M: Раскажи ни го твојот ден и ритуал и моментот кога доаѓаш до инспирација?

Не можам да ви кажам баш за денот бидејќи не се будам многу рано, баш поради таа инспирација која секогаш доаѓа навечер. Не знам дали тогаш доаѓа инспирацијата, ама најчесто тогаш се реализира. Инспирацијата се таложи секојдневно, без да знаеш, се таложи и доаѓа момент кога треба да ја отфрлиш од тебе или да ја оствариш, а најчесто во тој момент кога ја остваруваш мислиш дека доаѓа од нигде никаде, како гром од ведро небо.

Интерјву изработено од Хајат Сулооџа