,,Улиците ги доживувам како крвотокот на градот, без кој нема да има ништо од градскиот живот, сè почнува и завршува таму.'' - Разговор со Андреј Јосифовски
Андреј Јосифовски е творец од Белград, кој се бори културата и уметноста да добијат место во општеството кое што треба да го имаат, со главна цел: општеството да стане похумано и подобро. Тој ни привлече внимание со неговите уметнички дела во јавен простор. Го прашавме неколку прашања, прочитајте во текстот…
М: Следиме дека создаваш дела во голем размер кои често се поврзани со јавниот простор, дали делото доаѓа прво или јавниот простор?
Јас сум уличен уметник и моите дела по природа се секогаш пред очите на јавноста, пред се затоа што тематски, тие се повеќе или помалку секогаш фокусирани на актуелни, горливи прашања од општо значење. Улиците ги доживувам како крвотокот на градот, без кој нема да има ништо од градскиот живот, сè почнува и завршува таму. Духот на градот е вклучен во неговите улици, а моите дела секогаш се осветлени од тој дух.
M: Твоите дела секогаш се поврзани со некоја социјална тема, колку сметаш дека е важно уметниците и архитектите да го изразуваат своето мислење преку овој јазик?
Верувам дека вистинската уметност секогаш мора да биде суштинска, да има што да каже, да пренесе порака, да предизвика реакции кои треба да ја разбудат свеста и да поттикнат размислување. Уметноста не е уметност ако не насочува, ако не пренесува корисни вести.
М: Колку градот Белград е дел од вашата ДНК? Дали мислите дека тоа е предност? Дали мислиш дека е предност што си од град од Балканот или не? Дали доколку би бил роден во Европски град би бил ‘’поетаблиран’’ како уметник, заради општата свесност за вакви проекти или сметаш дека си роден тука со причина за да пренесеш некаква порака?
Секој има место на раѓање во својот генетски запис, и како резултат на тоа се обоени реакциите на секој поединец. Позната е споредбата која карактеристично ги дели студениот Север и топлиот Југ, кој би можело некако да се пренесе на односот меѓу Балканот и другите Европејци. Од друга страна, социјалните проблеми на Балканот не се исти како оние во развиените европски земји каде навистина функционираат државните институции и каде е владата е лесно заменлива. Со ова е поврзан и односот кон ангажираната уметност, наспрема која во Србија се гледа непријателски, па затоа е тешко да се дојде и до официјално признавање. Секако за мене не е важно што имам повеќе странски отколку домашни награди, но тоа е предизвик и знак дека сум на вистинскиот пат и дека така треба да продолжам.
M: Ти ги користиш успешно социјалните медиуми за промоција на твојата уметност и очигледно имаш добар reach. Колку сметаш дека за еден уметник од денешницата е неопходно да ги комуницира своите проекти преку социјалните медиуми?
Онаму каде што медиумите главно не се слободни, каде што има опструкции, социјалните мрежи ја играат голема улога во промовирањето на слободата на мислата и говорот. Ќе го парафразирам на јазик на улична уметност за да се илустрира моменталната состојба на медиумскиот простор: Државата има медиуми, а слободните граѓани имаат ѕидови.
M: Го гледавме видеото за фестивалот за улична уметност и многу ни се допадна, препознавме човек кој дели иста страст за иницијативи, јавни простори, вмрежување на креативни луѓе, ќе успееме ли?
Слободата на мислата и изразувањето е основно човеково право, она што го прави човекот општествено битие, со благородни чувства, инспирирано за креативна работа и добри дела. За тоа треба да се борите со сето свое срце бидејќи тоа се работите кои го прават животот вреден за живеење, и јас верувам дека тоа добро секогаш победува на крајот. Треба само да бидете посветени и упорни во борбата за своите идеали, бидејќи среќата не доаѓа само така, сама по себе.